Франција со непроменет став за Северна Македонија и Албанија

Знамињата на ЕУ, Албанија и Северна Македонија

Позициите на земјите-членки на ЕУ се непроменети и по состанокот на амбасадорите во Луксембур за отворањето преговори со Северна Македонија и Албанија. Франција останува на својата позиција дека е потребна реформа на преговарачкиот процес за земјите-кандидати и дополнителни докази за борбата против корупцијата и независноста на судството во двете земји.

Франција во во дискусиите со европските партнери, како што изјавиле дипломатски извори за МИА, на маса постојано го враќала и решавањето на статусот на СЈО и предметите на ова обвинителство.
Франција е единствената земја членка на ЕУ, која се противи на отпочнувањето преговори, но не се исклучува веројатноста Холандија, според дипломатски извори во Брисел, да се солидаризира со неа.

Париз официјално е и против одвојувањето на Северна Македонија и Албанија. Но, според дипломати, кај некои земји членки има надеж дека Франција полесно би попуштила доколку одлуката се однесува само на Северна Македонија.

„Доколку има договор, веројатно нешто ќе се додаде, нема тоа да биде дополнителен услов, но може да се спомене СЈО кое Франција редовно го става на маса“, вели дипломат од земја-членка за МИА.

Министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ се очекува утре да разговараат за отворање на пристапните преговори за Северна Македонија и Албанија. Кончената одлука ќе биде донесена на самитот на лидерите на ЕУ кој ќе се одржи на 17 и 18 октомври во Брисел.