Министрите за надворешни работи на Чешка, Полска, Словачка и Унгарија преку заедничко писмо бараат ЕУ да ги почне преговорите со Скопје и со Тирана. Во писмото насловено
„Да го придвижиме Западен Балкан напред“, чешкиот министер за надворешни работи Томаш Петричек, полскиот Јацек Чапутович, унгарскиот Петар Сијарто и шефот на словачката дипломатија Мирослав Лајчак бараат ЕУ да донесе смела одлука за почеток на преговорите, оти како што пишуваат, Северна Македонија и Албанија ги исполниле клучните критериуми што ги постави ЕУ спроведувајќи комплексни домашни реформи.
Министрите во писмото наведуваат дека одлуката за преговори се носи во време кога ЕУ се соочува со бројни предизвици како што се Брегзит, миграцијата, стапувањето на должност на новата Европска комисија, но овие прашања, како што нагласуваат, не смеат „да ја оддалечуваат ЕУ од она што успеа да го постигнат на Западниот Балкан и таа мора да остане посветена на обврските што ги презема кон регионот“.