Заев: Декларацијата „Мал Шенген“ не е алтернатива на ЕУ

Декларацијата за слободно движење на луѓе, стоки, услуги и капитал на Западен Балкан, што ја потпишавме со Србија и Албанија, e во духот на европската економска агенда и Берлинскиот процес комплетно и само даваме еден нов импулс, изјави премиерот Зоран Заев. Тој одговарајќи на новинарско прашање при работна посета на Куманово истакна дека оваа декларација не е паралелен процес на ЕУ затоа што местото на сите шест земји од Западен Балкан е безалтернативно во ЕУ и нема дилеми.

„Но, ако ги забрзаме процесите ако меѓусебно ја интензивираме соработката, ако трговијата почне со поголеми проценти од 10 проценти да расте, а расте сега со нешто повеќе од 10 отсто, може да расте со 20 отсто, со 30 отсто, ќе не почитува и Западот повеќе. Ако ги искористиме тие капацитети ќе ја направиме нашата економија уште поконкурентна да се бори со западноевропските економии. Ако го здружиме целиот регион, кога инвеститорот ќе инвестира во Куманово и вели ми требаат 25 инженери, а имам 15, ќе може слободно од целиот регион да бара инженери и квалификувана работна сила. Сето тоа ќе значи дополнителни странски и домашни инвестиции за целиот Западен Балкан и тоа се сериозни причини“, истакна Заев.