Заев, Рама и Вучиќ усвоија Декларација за слободен проток на стоки, услуги и луѓе

Српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерите на Северна Македонија и на Албанија, Зоран Заев и Еди Рама денеска во Нови Сад усвоија заедничка Декларација, која се базира на имплементација на четири основни клучни слободи на ЕУ на Западен Балкан – за слобода на проток на стоки, капитал, услуги и луѓе. Со неа, како што јави дописникот на МИА, со поддршка на ЕУ, почнува процес на кој се повикани да се вклучат и останатите држави на Западен Балкан.

„Северна Македонија е отворена за секоја иницијатива што ја промовира регионалната соработка, за забрзување на процесот на евроинтеграции на сите земји од Западен Балкан, како што е и Берлинскиот процес“, изјави Заев по трилатерална средба во Нови Сад, додавајќи дека ова е важно и за интеграцијата на земјава во ЕУ.

Според него, на овој начин Балканот дефинитивно ќе биде повеќе почитуван од сите други региони во светот, биде покомпетитивен и ќе биде попривлечен за неговите граѓани „да останат, да работат и да го планираат својот живот тука“. Заев нагласи дека со таквиот пристап Балканот ќе стане попривлечен и за странските инвестиции, кои ќе можат преку широк ресурс да ги прават своите планови врз основа на регионалната понуда што може да им ја испорача регионот.

„Пред нас се можностите да ги искористиме нашите заеднички потенцијали за зголемување на соработката и ќе добиеме повеќе почит и поддршка од ЕУ, ако самостојно покажеме, како што покажавме денеска, дека имаме и внатрешен капацитет да ги исполниме оние очекувања, кои не се искористени како потенцијали“, изјави премиерот Заев на заедничката прес-коференција на тројцата лидери.

Тој во име на тројцата учесници на средбата ги повика сите земји од регионот да се приклучат на оваа иницијатива, бидејќи, како што рече, Западен Балкан „дефинитивно е аспирација на сите во делот на унапредување на соработката“.