Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска го поднесе обвинението за случајот „Рекет“, во кое се обвинуваат три лица.
„До Основниот кривичен суд е поднесен Обвинителен акт против три лица, македонски државјани. Две од обвинетите лица се теретат дека сториле кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“, a на првообвинетиот му се става на товар и кривично дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“. Второобвинетото лице се терети дека сторило кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“, стои во соопштението на ЈОРМ .
Според Обвинението, првообвинетиот Бојан Јовановски - Боки 13, од лани во ноември до април годинава, влијаел на второобвинетата Катица Јанева да ја олесни положбата на притворениот сведок Орце Камчев, кој во предметот „Империја“ е еден од осомничените. Третообвинетиот Зоран Милевски - Кичеец ги договарал средбите на Јовановски со сопругата на Камчев, а подоцна и со Камчев, уверувајќи ги во неговото влијание врз тогаш специјалната јавна обвинителка Јанева.
Откако Јовановски и Милевски ги добиле договорените 500.000 евра од сопругата на Камчев, Јанева доставила предлог за куќен притвор за Камчев, што Судот го прифатил, а по исплатата на првите 1.000.000 евра, Јанева дала писмена согласност за времено враќање на пасошот на Камчев. Јанева при тоа, велат од ЈОРМ, за себе прибавила имотна корист - мебел од 296.040,00 денари и пари во износ од 50.000 евра, а за противзаконито влијание другите двајца обвинети примиле награда од 1.500.000 евра.
„Првообвинетиот Јовановски, иако невработен, со блокирани трансакциски сметки и без приход, на почетокот на оваа година купувал за себе луксузен мебел, облека и обувки и престојувал во луксузни летувалишта – ресорти надвор од нашата земја што упатува дека ги пуштил во оптек паричните средства што ги прибавил со кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“, наведува ЈОРМ.
Покрај Обвинение, Обвинителството поднело и барање за продолжување на мерките за обвинетите.