Бугарските пратеници денеска ја усвоија Декларација со која се предвидува Бугарија да даде целосна поддршка за отпочнување на преговорите за членство на Република Северна Македонија и Албанија во ЕУ, но со забелешки што не треба Скопје да направи. Како што јави БГНЕС, Декларацијата, која беше прва точка на денешната седница на бугарското Собрание, е усвоена со 129 гласа „за“, четири „против“ и еден „воздржан“, пренесе МИА.
Во Декларацијата се наведува дека европската интеграција „нема да биде на штета на искривување на историските настани, документи и артефакти, како и на улогата и ставовите на лицата од бугарската историја“.
Со Декларацијата Софија го повикува Скопје да го спроведува ефикасно, без одлагање и со добра волја Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, што беше потпишан од премиерите на двете земји, Бојко Борисов и Зоран Заев на 1 август 2017 година. Во текстот се посочува дека Бугарија „се залага за прифаќање на историската вистина за заедничка историја што ја споделуваат двете држави и народи“.
Бугарското Собрание бара земјава целосно да го спроведе „договореното и постигнатото во рамки на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, како и тие да бидат вклучени во училишните програми и материјали во најкус можен рок“ и се бара „да прекине секаква форма на говор на омраза кон Бугарија и кон граѓаните на Република Северна Македонија со бугарско национално чувство, вклучително и во медиумите и на натписите на спомениците“.
„Да се воздржат од дејствија што се однесуваат на обиди за поддршка и поттикнување на тврдења за признавање на т.н. „македонското малцинство“ во Бугарија, вклучително во меѓународни организации и мултилатерални формати“, стои во едно од барањата до земјава наведени во Декларацијата, пренесе МИА.