По илјада евра за 10.000 домаќинства за да ги заменат шпоретите со инвертер клима

Премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев

Десет илјади семејства од Скопје, Кичево, Тетово и Битола ќе добијат по 1.000 евра за набавка на клима инвертери како дел од првата фаза на владиниот план и еколошката мерка за субвенционирање на граѓаните со високоефикасни уреди како што се инвертер клими, информираше денеска премиерот Зоран Заев на заедничка прес-конференција со неговиот заменик, Кочо Анѓушев.

Премиерот информираше дека Владата на вчерашната седница ја донела оваа одлука која се однесува на семејства кои користат енергетски неефикасни уреди за греење на тврдо и фосилно гориво, со што сериозно влијаат на загадувањето на воздухот.

„Исплатата на 10 милиони евра за домаќинствата во Скопје, Битола, Тетово и Кичево, за купување на инвертер клима уреди, е најрадикалната и најмасовната мерка на Владата до сега против загадувањето. Секое домаќинство ќе добие по 1.000 евра за да го купи овој уред во замена за стариот на фосилни и тврди горива. Предност ќе имаат тие семејства кои немаат повисоки месечни приходи од 30.000 денари“, нагласија Заев и Анѓушев.

За реализација на мерката, додаде Заев, Владата му препорачала на Управниот одбор на АД Електрани (ЕСМ), во рамките на акумулираната добивка, да донесе одлука за обезбедување средства во висина од 618.000.000 денари за субвенционирање на граѓаните за набавка на високоефикасни инвертер клима уреди, како и да обезбеди пари и за јавна едукативна кампања за имплементацијата на мерката и за начинот на кој таа ќе биде спроведена.

„За да се обезбеди транспарентност и инклузивност во реализацијата на мерката, Владата ќе го покани Советот за соработка и развој на граѓанскиот сектор, да номинира две граѓански еколошки организации да бидат вклучени во имплементација на оваа мерка“, рече Заев.