Утре обвинение за „Рекет“

Обвинителката Вилма Русковска

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција утре ќе поднесе обвинение за случајот „Рекет“, потврди обвинителката Вилма Русковска за Радио Слободна Европа.

Првоосомничен во случајот е Бојан Јовановски, познат како Боки 13, кој се сомничи за „примање награда за противзаконито влијание“ и за „перење пари и други приноси од казниво дело“. За трговија со влијание се сомничи и Зоран Милески Кичеец, додека поранешната специјална обвинителка Катица Јанева е осомничена за злоупотреба на службената положба и овластување.

Јовановски и Милески се сомничат дека преку поранешната специјална обвинителка Катица Јанева издејствувале ослободување од притвор на осомничениот бизнисмен Орце Камчев во предметот „Империја“ и можност за спогодба. За таа „услуга“ Камчев им платил 1,5 милиони евра. Видео-снимки од плаќањето беа објавени на италијанскиот портал Ла Верита.

Милески пред дваесетина дена од притвор беше пуштен во домашен притвор, додека Јовановски и Јанева се во притвор во Шутка. Само Милески даде исказ пред Обвинителството за организиран криминал.

На Боки 13 вчера му се слоши кога требаше да даде исказ пред Обвинителството, по што со Брза помош беше однесен во болница, а по пружањето лекарска помош беше вратен во Шутка.

Јанева одлучи да не дава исказ.