Претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска, вели дека идејата за „Мал шенген“ е многу чудна, собено сега кога Македонија е пред вратите на ЕУ и НАТО.
„Во време кога сме условно пред вратите на НАТО и со можности за отпочнување преговори со Европската Унија, чудна е идејата да влеземе во економска дива градба „мал шенген” со Србија која има различни определби од македонските во надворешната политика, особено во пристапување кон Северноатланската алијанса, додека македонските ЕУ и НАТО определби, се повеќе од јасни“, изјави Арсовска.
Од друга страна, додава таа, Албанија во сите извештаи на ЕУ е чекор зад нас во напредокот и оваа насока на превземање чекори за заедничко економско делување не би придонело значително за наш побрз развој.
„Како да не ни беше доволно тоа што сме сегрегирани во гетото Западен Балкан, сега во уште помал формат ќе се изолираме во „мал шенген“, со некаква илузија дека така економски ќе процветаме. По ретрограден став од овој одамна не е понуден, мал шенген за Србија, Македонија и Албанија е идеја која треба да згасне уште пред да се роди. Зошто би правеле вакви микро економски сојузи кога целта треба да ни е да ги спроведеме структурните економски реформи потребни да станеме дел од единствениот економски пазар на Европската Унија, а не вечно да чекаме пред вратите на ЕУ како диво месо отцепено од интеграциите со утеха на тоа дека сме дел од некаков „мал шенген”. Не, благодариме“, вели Арсовска.