Јубилејот на Галичка колонија како чествување на синергијата на старото и новото

Селектирани дела создавани во периодот од 1990 до 2016, како и најновите реализации од последните три сесии ќе се најдат на Изложбата со која се прославува три деценискиот јубилеј на Галичката уметничка колонија што од 9 октомври се одржува во Мала станица во Скопје.

Замислена како круна на серијата настани со кои ќе биде одбележан убавиот јубилеј - трите децении егзистирање на македонската ликовна сцена, од 9 октомври во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица во Скопје, ќе се одржи Изложба на Галичката уметничка колонија. На неа ќе бидат претставени селектирани дела создавани во периодот од 1990 до 2016, како и по прв пат досега најновите реализации од последните три сесии. Поставката му е посветена на нејзиниот основач сликарот Нове Франговски.

„Во знак на јубилејот направена е селекција од првите 20 колонии коишто беа во класичен дух со сликарство, скулптура, графика и цртеж и секако селекција на другите седум години до 2016 коишто се да речеме во еден поинаков дискурс кадешто беа учесници уметници коишто се занимаваат и творат уметност во новите медиуми. Селекцијата ја направив со мојата колешка Д-р Тања Којиќ Младенов, виш кустос во Музејот на современа уметност во Нови Сад, бидејќи Мултимедијалниот центар Мала станица е навистина голем простор, но сепак нема доволно капацитет за да ги претстави сите дела коишто биле создавани на Колонијата“, вели Ана Франговска.

Дело на Петар Хаџи Бошков

Во текстот посветен на овие настани и на последното издание на Колонијата таа забележува дека „30 години егзистирање на ликовната сцена во Македонија не е мала бројка, туку значи доследност, истрајност, предаденост, пожртвуваност, сè со цел да се придонесе кон збогатувањето на македонското културно милје, да се направи одличен креативен спој на традиционалните и природни убавини со најсовремените ликовни егзегези на одлични уметници од светот“.

Истакнува дека Ликовната колонија Галичник, чиј основач бил нејзиниот татко Нове Франговски (1939-2017), отсекогаш била посебна визуелна манифестација во нашата држава чија причина за постоење е да се воведе еден специфичен квалитативен сензибилитет во заедничко работење на група интернационални и домашни автори.

„Целта не е репетитивност во изборот на автори, квантитет на продукција, л'арт пур л'арт оправданост во импресионистичкиот манир, туку една современа форма на промоција на уметноста, која ќе овозможи квалитетни средби, резиденција во визуелен јазик адекватен на современите текови во уметноста, манифестација која ќе овозможи суштински контакти клучни во создавање на уметничко вмрежување кое пак од друга страна е плодно тло за афирмација на македонската култура и уметност во светот. Изминативе 30 години сите активности на Ликовната колонија Галичник ја докажаа оправданоста за опстојувањето на оваа манифестација, а секако и единственоста, т.е. уникатноста на оваа резиденција од сите останати во земјата и регионот. Таа е веќе препознатлива визуелно-уметничка активност на светската арт мапа“, смета Франговска.

Дело на уметникот Ѓорѓе Јовановиќ

Говорејќи за натамошниот развој на Галичката ликовна колонија Ана појаснува дека тој ќе ја следи досегашната линија и дека таа како сегашен нејзин сопственик ќе тежнее и натаму да биде во дослух со сите глобални трендови и да биде во чекор со најновите случувања на ликовните сцени во светот.

„Ако тоа продолжат да бидат новите медиуми ќе биде насоката во правец на нови медиуми. Секогаш сме отворени за нови експерименти, но секако не се исклучени ни класичните медиуми. Ова посебно ако се знае дека на светската сцена во голема мера се случуваат и трансдисциплинарни уметности коишто во голема мера обединуваат класични медиуми, нови медиуми, наука, технологија и т.н. ...Ние секогаш ќе останеме отворени кон она што е современо, модерно и ново со цел да бидеме единствени, препознатливи, а квалитетот ни е на прво место како идеја водилка кон која што тежнеме. Можам да кажам дека како и досега Колонијата ќе продолжам да ја правам со сиот елан и сета енергија коишто ги имам, а нејзината судбина на годишно ниво зависи од поддршката на Министерството за култура која досега сме ја имале и се надевам дека и во иднина ќе постои истиот интерес за ваков тип на квалитетни, посебни и единствени ликовни манифестации кај нас“, ќе рече Франговска.