Стејт Департмент: Палмер и Гренел ќе соработуваат за договор меѓу Косово и Србија

Седиштето на Стејт Департмент во Вашингтон

„САД гледаат историска можност Србија и Косово да постигнат сеопфатен договор за нормализација на нивните односи. Одлуката за именување на претседателски претставник за мировните преговори ја подвлекува посветеноста на САД за мир, стабилност и просперитет на народот на Србија и Косово“, изјави за РСЕ еден од портпаролите на Стејт Департментот.

Американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот го назначи американскиот амбасадор во Германија Ричард Гренел за негов претставник во преговорите меѓу Белград и Приштина. Неговата администрација во август исто така го назначи Метју Палмер за специјален претставник на САД за Западен Балкан.

Стејт Департментот соопшти дека Палмер тесно ќе соработува со Гренел со цел да се постигне сеопфатен договор меѓу Србија и Косово.

„Специјалниот претставник Палмер, исто така, ќе ја продолжи својата важна работа во приближување на регионот кон Западот, работејќи со владите за унапредување на реформите и зајакнување на надворешните влијанија, помагајќи им да ги надминат проблемите што ги спречуваат во нивните европски и евроатлантски аспирации“, посочија од Стејт департментот.