The Mystery Of The Bulgarian Voices / Le Mystere des Voix Bulgares е сè што некогаш сум го посакувала од музиката. Нивното пеење едноставно може да ве натера да плачете од радост. Тоа е прекрасно. Тоа е она што мене ме поттикна да им пријдам кога прв пат ги слушнав. Чувствував чиста радост, чиста убавина. Зошто не би сакала да и се вратам на светлината повторно? Го обожавам тоа што тие во своите гласови имаат најмногу ангелски созвучја што било каде и било кога сум ги чула во животот. А, сепак се само обични жени. Не одат околу со филозофски констатации за тоа што е ова или она ... но кога пеат ти го кршат срцето од убавина. И, тие се веројатно креативно најнемирните личности што некогаш сум ги сретнала. Нема што тука да се објаснува освен гордо да се исправите со нив на сцена и да почнете да пеете. Фантастично.
Ова во едно од своите последни интервјуа за хорот The Mystery Of The Bulgarian Voices / Le Mystere des Voix Bulgares ќе го забележи Лиза Жерар, пејачката на култните DEAD CAN DANCE и една од омилените светски уметнички.
Во таа комбинација, во една од нејзините сценски инкарнации, ќе ја видиме во вторник на 8 октомври во Филхармонија, на концертот што како организатор го потпишува Младински културен центар – Скопје. Перформансот е во рамките на нивната актуелна европска серија на настапи и за овдешните повеќе децениски поклоници на австралиското дуо е само мала утеха за тоа што Македонија летово беше заобиколена и не беше една од станиците (а, патем беа во Белград, Пловдив и во Солун) од големата светска турнеја на една од највозбудливите глобални културни пројави од почетокот на осумдесеттите па наваму - DEAD CAN DANCE.
Но, да се вратиме на Лиза Жерар. Во текот на нејзината плодна повеќедецениска кариера со низата наградувани албуми со филмска музика и со серијата на соло проекти и плодни соработки со други артисти, таа се етаблира како една од најискрените и најбарани уметнички од Австралија. За неа критиката ќе забележи дека „поседува визија што е прецизна и сеопфатна за сè што прави и како трага во времето остава зад себе“.
Лиза Жерар е родена и (главно) живее во Австралија (ако притоа не се земат во обзир нејзините долги претстои во Лондон, Велика Британија, во Шпанија или пак во Ирска), каде што и ја започнува својата кариера пред речиси 40 години.
Прилично експерименталната пост панк музичка сцена на крајот на 1970-те во Мелбурн ја спојува со Брендан Пери, со кој во 1981 година го создаваат уникатниот уметнички (главно музички) проект DEAD CAN DANCE, кој опстојува и денес со неколку разбирливи главно креативни прекини.
Dead Can Dance се неприкосновен и по многу нешта автентичен музички состав, кој обединува два малку е да се каже несекојдневни вокали кои со својата моќност и боја „како да го сликаат почетокот или крајот на светот“.
Стои и тоа дека Лиза и Брендан својата инспирација изминатите декади ја црпат од племенското, окултното, световното, но и од земското, профаното постоење.
Нивната музика ( која извира од разнородните музички јазици на мултикултурниот Петти континент, на она што тие го впивале во маалата во кои израснале) може да ве потсетува на сѐ претходно доживеано и чуено, но и на ништо, да ви биде комплетно нова и свежа.
Во професионалната биографија на Лиза Жерар се впишани неколку соло проекти, како и музика за филм, на кои таа се потпишува и како авторка, но посебно и како изведувачка. Така на пример, за музиката за епскиот спектакл „Гладијатор“, таа и композиторот Ханс Зимер беа наградени со Златен глобус, а куп номинации има и за други остварувања.
The Mystery Of The Bulgarian Voices / Le Mystere des Voix Bulgares се женски хор од Бугарија, кој опстојува од средината на минатиот век и го негува автентичниот бугарски мелос, зачинет со нереално, самовилско пеење. Формиран е во 1950 година под кровот на Бугарската радио телевизија, но светот за овој хор прв пат слушна на крајот на 1980-те, кога тие за Западниот пазар го објавија својот истоимен албум “Le Mystère des Voix Bulgares”, издание кое се продаде во огромен тираж и хорот ги освои светските сцени со своето мистично акапела пеење.
Нивниот втор албум „BooCheeMish“ се појави по речиси две декади од деби изданието, во 2017, и на него тие соработуваат со Лиза Жерар, со која „иако потекнуваат од различни култури, создаваат една природна бајковита симбиоза“.