ВМРО-ДПМНЕ преглага изборен модел со 120 изборни единици и еден круг гласање

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на новинарско прашање за можна промена на изборниот модел, рече дека тој предлага 120 изборни единици, посочувајќи дека оној кој во првиот круг ќе освои најмногу гласови тој да биде претставник на граѓаните во Парламентот.

Во однос на тоа дали за него е прифатлив предлогот на премиерот Зоран Заев да има една изборна единица, Мицкоски рече дека за него е прифатливо секое решение што ќе го зголеми демократскиот капацитет.

„Прифатливо е секое решение кое ќе го зголеми демократскиот капацитет и квалитет, но и што ќе понуди гласот на граѓаните што ги бираат своите претставници да биде посилен и погласен и да биде тој глас што треба да ги застапува интересире на граѓаните кои што ги бираат тие претставници“, рече Мицкоски.

Претходно, премиеарот Зоран Заев изјави дека Владата и СДСМ се подготвени за измени на изборниот законик и за нив се прифатливи и двата понудени модели – една изборна единица или отворени листи. Заев додаде дека двата модела не може да се комбинираат и за тоа какво ќе биде решението ќе се одлучи со консензус.