Владата и СДСМ се подготвени за измени на изборниот законик и за нив се прифатливи и двата понудени модели – една изборна единица или отворени листи. Ова го потврди денеска премиерот Зоран Заев и додаде дека двата модела не може да се комбинираат и за тоа какво ќе биде решението ќе се одлучи со консензус.
„Многу е важно влијанието на малите политички партии, оти можеме да седнеме ние најголемите да договориме нешто што апсолутно ќе ги мајоризира помалите партии, а тоа не е добро. Партијата што ја водам е за модели кои ќе ја унапредат демократијата во државата. Затоа сме за една изборна единица, а можеме да размислиме и за отворените листи, односно би поддржале и отворени листи“, рече Заев пред новинарите по Конференцијата „Кон концептот за едно општество и интеркултурализам“.
Ветувањето пред изборите, додаде премиерот, било за една изборна единица, заради тоа што веруваат дека вредноста на гласот станува подоминантен, не се губат гласовите некаде.
„Се случуваше политички партии или листи да имаат 30.000 – 40.000 гласови, а ниту еден пратеник да не добијат. Ние се залагаме да се максимилизираат тие гласови преку една изборна единица, иако СДСМ веројатно како најдобростоечка партија најмногу би изгубила, па второстоечката партија, па третата… Но, добивате деморкатијата и добиваат нашите граѓани. Една изборна единица со 120 имиња на листата и отворени листи никаде не се спроведува. Или една изборна единица или отворени листа. Ние подржуваме и ги охрабрувам сите партии да направиме еден чекор кон демократизација на изборниот процес“, рече премиерот Заев.