Повраќам константно, мојата состојба е животно загрозувачка, затворскиот лекар има желба да ми помогне, но не може, изјави денеска првоосомничениот во „Рекет“, Бојан Јовановски - Боки 13, на јавна седница во Апелациониот суд Скопје.
Тој и неговата одбрана, поради тоа, побараа укинување на мерката притвор и замена најмалку со куќен притвор.
Јовановски пред судот тврдеше дека „има органски проблем и дека не е во добра психичка состојба“.
Неговиот адвокат, Сашо Дукоски, достави и медицинска документација и изјави дека Јовановски „има лошо поврзување на тенкото црево со желудникот и тоа може да му предизвика смрт“.
„Секој втор ден Јовановски се носи на Клиниката за торакална хирургија, има две неуспешни операции, кои во условите во притвор му предизвикуваат огромни проблеми. Потребна му е хоспитализација. Овој човек не може да јаде, храната му се враќа, има лошо поврзување на тенкото црево со желудникот и тоа може да му предизвика смрт“, рече адвокатот на Јовановски.
Боки - 13 е во притвор од 15 јули и притворот му беше продолжен поради опасност од бегство, влијание врз сведоци, прикривање на докази, повторување на кривичните дела и поради вештачењата кои не се завршени. Тој е осомничен во истрагата „Рекет“ и со осомничената во истата истрага Катица Јанева се во притвор во Шутка.