Бектеши: Потпишана одлуката за раскин на договорот за Иловица

Министерот за економија Крешник Бектеши

Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска информираше дека веќе е потпишана предлог-одлуката за едностран раскин на договорот со „Еуромакс рисорсис“ за рудникот „Иловица“ и дека таа предлог-одлука ќе оди во владина процедура.

Според него, решението на Второстепената комисија за одбивање на барањето за издавање дозвола за експлоатација на бакар и злато на локалитетот Иловица во општините Босилово и Ново Село на Еуромакс рисусрсис е конечна. Министерството за економија постапило по ова решение и донело Одлука за едностран раскин на договорот, којашто ќеја достават до Владата.

„Одлуката на Второстепената комисија е конечна. Како Министерство за економија сме постапиле по таа одлука. Јас бев на службено патување, вчера се вратив на работа. Веќе е потпишана предлог-одлуката за едностран раскин на договорот со Иловица и сега ќе оди низ владини процедури, преку Генерален секретаријат, преку соодветните комисии и потоа на седница на Влада, каде треба да се расправа и да се донесе соодветна одлука“, изјави Бектеши, одговарајќи на новинарско прашање.

Владата на седницата од 25 јуни годинава го задолжи Министерството за економија да ја разгледа правната исполнетост на Барањето за издавање на дозвола за експлоатација на минерална суровина-бакар и злато на локалитетот „с.Иловица“ на „Еуромакс рисорсис“ и согласно законски определените услови, доколку се исполнети условите, со решение да го одбие барањето за издавање дозвола. Министерството за економија доби задолжение доколку се исполнети законските услови за одбивање на барањето за издавање дозволата до Владата да достави предлог-одлука за едностран раскин на Договорот за концесија.

Против ова решение концесионерот, во законски утврдениот рок, достави жалба. Од Министерството за економија велат дека до овој момент не е пристигната каква било тужба од правниот субјект.