Пендаровски: Нема најава за бугарска блокада за датумот, тоа се бенчмаркови за преговорите

Претседателот Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски денеска изјави дека нема најави од бугарскиот државен врв дека ќе го блокираат доделувањето датум за отпочнување преговори со ЕУ, туку е тоа најава за поставување барања кои би биле врамени како нивни бенчмаркови во понатамошниот тек на преговорите со Унијата.

„Нема никаква најава ниту од релевантен фактор од соседна Бугарија, дали е тоа претседател, дали е Владата, надлежните министри, дека Бугарија сега ќе не блокира во средината на овој месец кога чекаме да добиеме датум за преговори, кога ја очекуваме европската одлука на 15 или на 17 октомври. Како понатаму, не само Бугарија, туку можеби и Грција низ понатамошната имплементација на Преспанскиот договор, ќе се однесуваво текот на преговорите кои траат со години, во тој долг процес, ќе видиме. Допрва ќе прочитаме и чуеме тоа што го најавуваат како преговарачка рамка за ова прашање, но повторувам тоа е за понатамошниот период кога ќе почнеме да преговараме, се надеваме од почетокот на 2020 година“, рече претседателот Пендаровски.