Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, информираше дека за околу 50 вработени од поранешната УБК бил утврден т.н. безбедносен ризик за работење во безбедносните служби и ќе мора да го напуштат МВР. Спасовски појасни дека тие службеници би се распределиле во други државни институции.
Министерот рече дека вработените во УБК кои не аплицирале за новата агенција остануваат во МВР, а оние кои не го поминале ветингот одат во други институции.
„Работиме на подготовка на систематизација со цел да добијат решенија во МВР, освен за оние за коишто има утврдено безбедносен ризик кои ќе мора да го напуштат Министерството за внатрешни работи и да бидат префрлени во други институции од коишто ќе бидат прифатени“, рече денеска Спасовски, на првиот академски час на Факултетот за безбедност.
Министерот додаде дека од сведоците во случајот Таргет-Тврдина, луѓето кои ги открија и изнесоа од Управата нелегално снимети материјали „бомби“, само Звонко Костовски аплицирал и е примен во Агенцијата за национална безбедност, додека пак Лазаревски воопшто не аплицирал и останува во МВР.