Од денеска нема квоти за лекови во сите аптеки

Граѓаните од денеска ќе можат да добијат лек што им е препишан на рецепт од која било аптека во државата и во кој било ден во месецот. Од денеска се укинуваат квотите за лековите и се воведува нов електронски систем во кој ќе се регистрираат граѓаните кои подигнале лек на рецепт, мерка која се очекува да им донесе бенефит на сите во земјава.

Според Фондот за здравствено осигурување, со новиот систем на работа се елиминира горната граница на можна потрошувачка по аптека, а сите аптеки во државата ќе бидат во еднаква позиција. При земањето на лекот граѓанинот ќе се легитимира со лична карта, а неговите податоци нема да се скенираат, бидејќи Фондот веќе располага со податоците на граѓаните, со нивните матични броеви, туку само ќе поминат на читач на податоци.

За постарите и изнемоштени лица, малолетните и оние лица кои поради некоја спреченост нема да можат да ги подигнат лековите, со новата мерка е предвидено нивно блиско лице во нивно име да може да го земе лекот на рецепт.