Премиерот Зоран Заев вечерва одржа средба со поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, кој е во посета на Скопје на покана на магазинот „Економист“ кој ќе биде еден од говорниците на Самитот за Западен Балкан – „Зајакнување на моментумот на европските интеграции“, соопшти владината прес-служба.
Тие на средбата разговарале за придобивките од Преспанскиот договор и нагласиле дека договорот ја заслужува севкупната поддршка на двете земји.
Тие заклучиле дека решението постигнато со потпишувањето на Договорот од Преспа ја сменило реалноста меѓу двете земји и создало нова „позитивна динамика во односите меѓу земјите во регионот“, се вели во соопштението.
„На средбата во кабинетот на премиерот Заев заеднички беше поздравено скорешното полноправно членство на нашата земја во НАТО, чија завршна фаза, ратификацијата на Протоколот за пристапување, започна токму во парламентот на Република Грција“, се вели во соопштението.
Двајцата соговорници на средбата ја поздравиле поддршката за отпочнување на преговорите меѓу ЕУ и Северна Македонија.