Грција донесе нови мерки за зголемениот бран бегалци и мигранти

Архива - бегалци и мигранти на Средоземното Море.

Грчката влада на денешна седница донесе одлуки за зачувување на границите со зголемени патроли, префрлање бегалци и мигранти од островите во други делови на земјата, поголем број враќања, интернационализација на проблемот и забрзување на процесот за азил, соопшти владиниот портпарол Стелиос Пецас.

На неколкучасовната седница опширно биле разгледани актуелните случувања со бранот бегалци и мигранти во Грција, како и нацрт законот за одобрување азил во земјата, а Пацас соопшти дека врз основа на анализа на статистички податоци на националноста на оние кои влегуваат во земјата, заедничко убедување е дека „повеќе станува збор за мигрантски проблем, а не бегалски“, рече тој.

Министерот за цивилна заштита на Грција Михалос Хрисохоидис го претставил нацрт-законот за доделување азил, според кој процедурата ќе се забрза, но ќе биде построга. Владиниот портпарол соопшти дека целта на законот е да развие нов, комплетен, ригорозен и праведен систем на азил со поставени јасни прецизни правила, како и да ги елиминира последиците од претходната легислатива која, како што рече, довела до неодреден број на странци кои властите не можат да ги пронајдат и да ги вратат во земјите на потекло.