Министерствата за одбрана на Северна Македонија и Грција денеска во Атина потпишаа Технички аранжман за надзор на воздушниот простор, аранжман кој пороизлегува од новиот договор за соработка во одбраната кој во април оваа година го потпишаа министрите за одбрана Радмила Шекеринска и Евангелос Апостолакис за време на посетата на Грција од страна на високата македоснска владина делегација, соопшти Министерството за одбрана.
Аранжманот, кој го потпишаа началникот на Генералштабот, генерал Васко Ѓурчиновски и началникот на грчката одбрана – генерал Христос Кристодулу, претставува официјализирање на мисијата „Ер-полисинг“ која ќе се реализира во координација со НАТО, се вели во соопштението.
Во мај годинава беше извршен првиот пробен прелет за потребите на мисијата на НАТО „Ер-полисинг“, откако имаше два прелета на македонскиот воздушен простор од старна на авиони Ф-16 на грчката армија со цел проверка на комуникациите и радарската покриеност на воздушниот простор на земјата.
Мисијата „Ер-полисинг“ е придобивка за земјите членки на НАТО и вклучува користење на системот за следење на воздушниот простор и управување со системот за команда и контрола на воздухопловните сили и стедства за противвоздушна одбрана, вклучително и борбени авиони, со цел заштита на интегритетот на воздушниот простор на земјите членки на НАТО.