Она што се уште е нејасно е прашањето по однос на ратификацијата на протоколот за македонскиот влез во НАТО во Шпанија, не поради односот на Шпанија кон Северна Македонија, туку поради политички состојби внатре во Шпанија, имајќи предвид дека по последните избори што ги имаа годинава, до 25 септември не успеа да формираат влада и кралот таму прогласи нови избори за ноември годинава, изјави денеска претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Тој додаде дека, според најавите од Мадрид, има надеж дека и тие ќе завршат со процесот до почетокот на декември, но во секој случај, како што рече, хипотетички ако не се случи тоа, после празниците, пред Нова година или по Божиќните празници, на првиот состанок на Северноатлантскиот совет, што се одржува секоја недела, може да се упати покана и со тоа да се формализира полноправното членство на Северна Македонија во НАТО.
Од 29 земји, 22 досега го имаат ратификувано Проколот за членство на земјава во НАТО. Во шест држави постапките се во процедура, во зависност од тоа дали парламентите се еднодомни или дводомни. Прашањето е отворено по однос на ратификацијата во Шпанија.