Бугарскиот премиер Бојко Борисов, по консултативната средба што ја свика претседателот Румен Радев во врска со мешаната комисија за историја, изјави дека Северна Македонија може да смета на Бугарија за ЕУ, но дека Софија никогаш не кажала дека безусловно ќе го поддржи македонскиот прием.
„Иднината на Северна Македонија е во ЕУ и тие не треба да си играат со таа шанса. До вчера велевме дека сме братски народи, нека не продолжува братоубиствената војна од пропагандата во Скопје зашто ние поблизок народ и луѓе немаме. Да ја запреме Северна Македонија на патот кон ЕУ, тоа ќе биде запишано во историјата дека сите 27 земји ги поддржале, а само Бугарија ги запрела. Ние сакаме и Албанија да оди заедно со Северна Македонија. Но, никогаш не сме кажале дека безусловно го поддржуваме влезот во ЕУ. Имаме на располагање 71 инструмент во преговрите по поглавјата“, рече Борисов по средбата на бугарскиот државен врв кај Радев, на која присуствуваа и вицепремиерката и шефица на дипломатијата Екатерина Захариева и министерот за одбрана Красимир Каракачанов.
Неколку часа подоцна, македонскиот премиер Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање, ги коментираше овие изјави од Бугарија.
„Можно е брзо да се најде решение на отворените прашања со Бугарија. Ние потпишавме договор во кој прифативме дека имаме заедничка историја, а секако дел од историјата ни е посебна на двете земји, и во тој дух јас верувам дека комисиите ќе изнајдат решение. Комисијата е стручна и е направена за да ги дефинира работите. Нашите укажувања се да преземат храбри чекори, чекори засновани на фактите и на вистината, фактите и вистината се јасни и апелираме да се изнајде решение и верувам дека не е доволно само нашата страна да има волја за тоа треба и страната од Бугарија“, рече Заев.