Попладне средба Заев - Ципрас во Скопје

Фотографија од првата седба на Зоран Заев и Алексис Ципрас во Скопје

Поранешниот грчки премиер и лидер на СИРИЗА, Алексис Ципрас денеска пристигнува во Скопје, а во попладневните часови ќе има средба со премиерот Зоран Заев, соопштија. Ципрас утре ќе учествува на Самитот на „Економист“,„Зајакнување на моментумот за европска интеграција“, посветен на Западен Балкан, а на посебна панел дискусија, заедно со Зоран Заев и Мартин Шулц ќе дебатираат за тоа „Кои се следните чекори за европска интеграција на Западен Балкан?“.

Претседателот на СИРИЗА, синоќа се обрати на крајот од тридневниот фестивал „Спутиник“, организиран од подмладокот на партијата, а во неговиот говор се осврна и на Договорот од Преспа, за кој рече дека е горд, јави МИА од Атина.

„Ние, пријателки и пријатели, ја вративме меѓународната слика на земјата. Се осмеливме да се отвориме кон нашите соседи, да спроведеме мултидимензионална надворешна политика на мир и соработка. Се осмеливме за Договорот од Преспа и горди сме, бидејќи затворивме голема рана за земјата, голема рана за Балканот, голема рана на нестабилност во нашиот регион“, рекол Ципрас на фестивалот.

Поранешниот грчки премиер упати критики до актуелната влада дека како опозиција „на популистички, лицемерен и национално штетен начин го злоупотребила конкретното прашање“ за на товар на земјата да добијат гласови и додаде дека сега, преку ноќ го променија ставот па од „предавнички договор“, стана „договор што ќе го спроведеме и почитуваме“.