Радев свика консултации на државниот врв за Македонија

Претседателот на Бугарија Румен Радев и претседателот на бугарскиот дел од Мешовитата комисија за историски прашања со Македонија, Ангел Димитров

Претседателот на Бугарија Румен Радев за утре закажал консултативна средба на државниот врв за билатералните односи со Северна Македонија и поканата што ја очекува од Европската унија за почеток на преговори за членство, објави news.bg.

Темата е „Преглед на билатералните односи меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија во контекст на резултатите од работата на Мешовитата експертска комисија за историски и образовни прашања и очекуваната покана до Република Северна Македонија за пристапување во Европската унија“.

Поканети се да присуствуваат премиерот Бојко Борисов, претседателката на Парламентот Цвета Карајанчева, вицепремиерката за правосудни реформи и министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, координаторите на парламентарните групи, претседателите на собраниските комисии за надворешна политика и за европски прашања и контрола на европските фондови, на изборната комисија, како и претставникот на Мешовитата експертска комисија за историски и образовни работи.

Бугарскиот вицепремиер и лидер на ВМРО-БНД Красимир Каракачанов, коментирајќи го неодамнешното интервју на претседателот Стево Пендаровски вчера изјави дека „доколку Комисијата за историски и образовни прашања нема рок, тогаш ќе нема рок и патот на Северна Македонија кон Европската унија“.