Минатата година од кардиоваскуларни заболувања во државава се починати околу 10 илјади лица, а поголем дел од нив се жени. Карактеристично е дека се поместува границата на возраста за смртноста од овие заболувања. Сè почесто, поради лошиот стил на живот, од овие заболувања починуваат и млади луѓе на возраст од 40, па дури и под 40-годишна возраст.
Тоа го изјави денеска Елена Ќосевска, раководител на секторот за промоција на здравје во Институтот за јавно здравје и професор на медицинскиот факултет на одбележувањето на Светскиот ден на срцето, 29 септември. Годинашното мото е „Биди херој на срцето“.
Кардиоваскуларните заболувања, како што рече, претставуваат најголем здравствен проблем, како во светот, така и во државата.
Според Ќосевска, ризик факторите за срцеви заболувања се пушењето и високиот крвен притисок. Таа ги повика граѓаните да прават редовни контроли на своето здравје и да имаат физичка активност.
Смртноста од кардиоваскуларните заболувања во светот изнесува 17,9 милиони на годишно ниво. Во Европа три четвртини од вкупно умрените се од кардиоваскуларни болести и малигни заболувања.