Медиуми - Матен Вардар и „бомбите“ на Верушевски

Архивска фотографија - Реката Вардар

Медиумите пишуваат за загадувањето на реката Вардар и за акциите за расчистување на отпадот. Анализираат и за сведоштвото на Верушевски за „бомбите“ и за завршувањето на истрагата за „Рекет“.

„Поморот на рибите во Вардар е од солна киселина и железо кои истекоа од ’АрцелорМиттал‘“ – ја објави Слободен печат информацијата од ’Водовод и канализација‘ во чија лабораторија се вршело испитувањето. Во Вардар се излеале неколку тони железо и киселина без соодветно третирање на отпадните води, потврдиле од лабораторијата за Слободен печат. Веста дека активисти на иницијативата „Не биди ѓубре“ и здружението О2 симболично запалија ѓубре пред Владата ја објавија Вечер, Нова Македонија и Слободен печат. Вечер во насловот објавува и изјава на еден активист: „Се гушиме од отпад и депонии, отруени сме“. Независен најавува уште една акција на „Не биди ѓубре“: „В недела ќе се вадат автомобилски гуми од Вардар“.

Независен на една насловна страница со прашање: „Кому му подметна ’бомба‘ Верушевски? – Контроверзно сведоштво на советникот на Заев“. Порталот на истиот весник објави и подолга статија со наслов: „Сведочењето му обезбеди комотна позиција на разузнавачот – кој ја зборува вистината, Верушевски, кој тврди дека ’бомбите‘, т.е. документацијата не завршувале лично кај него туку во СДСМ, или ’свиркачот‘ Ѓорѓи Лазаревски кој експлицитно тврдеше дека прислушуваните разговори што ги влечел од Управата лично му ги предавал на Верушевски“. Вечер со наслов забележува: „Молк во Владата по сведочењето на Верушевски“ и со заклучок дека „бомбите се сечени, лепени и монтирани“. Слободен печат и Нова Македонија ја објавуваат изјавата на обвинителката Фатиме Фетаи: „Исказот на Верушевски дека ’бомбите‘ биле модифицирани не може да влијае на постапките – станува збор за исказ кој не е довршен. Толкување и појаснување може да даде само Верушевски“. Вечер ја пренесува изјавата за ТВ Алфа на поранешниот директор на ДБК, Горан Митевски: „Ми ги понудија ’бомбите‘, не ги прифатив“. Митевски смета дека овие нови моменти „се повеќе од доволни за да се спроведе нова истрага, но и да се побараат одговори лично од премиерот Заев дали тој учествувал во модификацијата на прислушуваните разговори“ – пишува во информацијата што ја пренесува Вечер. Слободен печат ја објави изјавата на адвокатот Александар Тортевски: „Јавното обвинителство веднаш да го повика Верушевски да каже на кои снимени разговори мислел кога рекол дека се модифицирани и тоа треба сериозно да се провери. Ако во предистрагата кажал нешто сосема спротивно, тогаш треба да му се покрене постапка за лажно сведочење и да се праша зошто досега молчел“, смета Тортевски.

Независен информира: „Истрагата за ’Рекет‘ затворена само со тројца осомничени, засега нема вмешано политичар, иако актуелната влада ја поддржуваше 1ТВ и ’Меѓународниот сојуз‘, хуманитарната организација на Боки 13“. Независен додава дека „Русковска има право да ја прошири истрагата“.

Слободен печат и другите портали на печатените медиуми информираат дека премиерот Зоран Заев, кој ја предводи македонската делегација на редовното есенско Заседание на Генералното собрание на ОН во Њујорк ќе има средба со генералниот секретар, Антонио Гутереш, а дека официјалното обраќање на премиерот Заев на Генералното собрание на Светската организација е предвидено за сабота во претпладневната сесија. Нова Македонија ја пренесува информацијата на грчката агенција АНА-МПА за првата средба на премиерите Заев и Мицотакис, на маргините на собирот во Њујорк. „Мицотакис не би го потпишал Преспанскиот договор, но ќе го почитува“ – му кажал новиот грчки премиер на Заев. Исто така сите портали објавија дека германскиот Бундестаг денеска и официјално „треба ќе даде зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ за Северна Македонија“.