Претседателот Трамп на прес конференцијата во Њујорк повтори дека ловот на вештерки продолжува:
„Затоа што кога ќе ги разгледаат информациите, тоа е шега. Импичмент за тоа? Кога имате прекрасна средба или имате прекрасен телефонски разговор“.
Во меѓувреме, Белата куќа објави резиме, што не е и буквален препис на телефонскиот разговор од 25 јули, од кое се гледа дека Трамп бара од украинскиот претседател Володомир Зеленски да соработува со американскиот министер за правда Вилијем Бар и со неговиот адвокат Руди Џулијани во истрага против неговиот можен ривал на претстојните претседателски избори Џо Бајден и неговиот син Хантер за нивните деловни активности поврзани со Украина.
„Но, исто така, инсистираме на транспарентност од Џо Бајден и неговиот син Хантер за милионите долари што брзо и лесно се извадени од Украина и Кина. Милиони долари. Милиони и милиони долари“.
Во преписот од телефонскиот разговор не се гледа дека Трамп истрагата ја врзува и со американската помош за Украина која во тоа време беше замрзната од Трамп.
Имено, во деновите пред телефонскиот разговор со Зеленски Трамп нареди замрзнување на 400 милиони долари воена помош за Украина што ги поттикна шпекулациите дека тие пари сакал да ги искористи како средство за вршење притисок со цел покренување истрага против Бајден.
Врз сознанијата дека Трамп во телефонски разговор побарал од Зеленски да отвори истрага против Бајден и неговиот син Хантер, демократите ја покренаа постапката за импичмент, тврдејќи дека американскиот претседател ги злоупотребил овластувањата, барајќи помош од странска влада за да го оцрни ривалот.