Македонскиот премиер Зоран Заев позитивно го оцени првата средба во Њујорк со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кој како лидер на опозицијата беше голем противник на Преспанскиот договор. Во интервју за Националниот јавен сервис тој изјави дека со Мицотакис разговарал за идните правци на градење на пријателски односи меѓу двете земји и имплементацијата на обврските потребни за реализирање на Преспанскиот договор. Грчките медиуми објавија дека Мицотакис рекол оти никогаш лично не би го потпишал тој договор, но оти по ратификацијата сега станал дел од меѓународното право и Грција мора да го почитува, при што побарал доследна примена и без доцнења.