Скопскиот градоначалник Петре Шилегов, на панел-дискусијата „Обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност за подобра животна средина“, изјави дека лани била завршена секундарната мрежа, односно гасоводниот прстен околу Скопје. Според него, сега е важно да се влезе во процесот на терцијална гасификација, односно, достапност на гасот до домаќинствата.Тој потенцираше дека дел од производствените и индустриските капацитети се префрлени на природен гас, а префрлени се и сите топлани.
На новинарско прашање до директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР), Бајрам Реџепи, кога најрано гасот може да дојде до граѓаните на Скопје, тој рече дека тоа ќе биде крајот на наредна година и почетокот на 2021 година.