Културата несомнено отсекогаш била мост за зближување меѓу народите. Независно колку тие и да биле блиску, а толку разделени. Притоа примери има безброј, но она што ќе стане реалност во периодов што следува јасно говори дека полека како да се ослободуваме од предрасудите и антагонизмите на минатото. Имено, в петок, на 27 септември, само два месеца по гостувањето на Музејот на современа уметност од Скопје во солунскиот Музеј на современа уметност со изложбата „Се што ни е заедничко“ со дела на 14 уметници од Југоисточна Европа каде куратори беа Мира Гаќина и Јованка Попова, а истата патем беше соработка меѓу двата музеи, како дел од пошироката заедничка програма на МСУ Скопје со институции и музеи од регионот и Европа, во земјава и по прв пат пред македонската културна јавност доаѓа тогашниот домаќин на поставката.
А изложбата со одбрани дела од колекцијата на МОМус од Солун е насловена „Дали сум јас тоа име или таа слика?“ (Am I That Name or That Image?) и не само што е сведетел за иницираната соработка и културната размена помеѓу двете институции, туку ја нагласува и важноста и за поширока билатерална соработка меѓу Македонија и Грција и е од огромно значење за двете земји. Посебно во ваквите сеуште ранливи времиња каде секој еден исчекор во стекнувањето доверба е особено значаен.
Дело на Мариана Игнатаки
Од таму, во изложбените салони на Музеј на современа уметност во Скопје ќе бидат прикажани дела на 16 врвни творци меѓу кои Филипо Берта, Џејмс Бридли, Фениа Котсопулу, Куриаки Гони, Владан Јеремиќ, Рена Радле, Маида Кхтари, Марина Игнатаки, Олег Мавромати, Бориана Роса, Вирџинија Мастрогианаки, Елени Милонас, Наташа Пападопулу, Виви Тциога и други. Паралелно со главната програма предвидено е одржување на серија перформанси на уметниците Томас Диафас, Александар Плорамитис и колективот I Broke the Vase кој го чинат Ева Матсигкоу и Нефели Сани.
Покрај тоа особено значајно е што во градов токму за оваа пригода која ја рефлектира позитивната и не само творечка енергија планирано е да дојдат кураторката на изложбата Сираго Цијара со своите асистенти Домна Гунари и Ерини Папаконстантину, претседателот на Управниот одбор на МОМус Андреас Такис и директорката на музејот Мариа Цацаноглу.
„Оваа културна размена е од историска важност за Македонија и за Грција. Уметноста отсекогаш умеела да ги „скрши“ границите. Возбудени сме што со Музејот на современа уметност во Солун успеавме да воспоставиме блиски врски и што со заднички сили можеме да продуцираме значајни проекти. Живееме во регион кој претрпе и продолжува да страда од последиците на национализмот и транзицијата, од бурните социо - политички промени. Соработките нè зближуваат, а изнаоѓањето заеднички решенија и доаѓање до нови и ефективни модели на соработка, се рефлектира и во програмските активности на двата музеи, и во можноста за нови идни институционални билатерални соработки“, ќе рече во пресрет на овој настан Мира Гаќина, директорка на МСУ.
„Те молам љуби ме!“ - дело на Александрос Плорамитис
Од друга страна Сираго Цијара, пак, кураторката на изложбата „Дали сум јас тоа име или таа слика?“, смета дека начинот на којшто се доживуваме себеси и нашите односи со другите луѓе драстично се менува во ерата на дигиталната култура, поставувајќи го прашањето како се дефинираат современите луѓе. По името што им го дало семејството, по нивното потекло, по нивната професија, родот, сексуалноста, општествената класа, религијата, етничката припадност, индивидуалната или колективната меморија, или тие својства се преиспитуваат и стануваат предмет на нова обработка во контекстот на имиџот што луѓето го стекнуваат или го конструираат за самите себе на социјалните медиуми? И колку е таа дигитална слика за нив „реална“? Дали старата дистинкција помеѓу „реалното“ и „конструираното“ повеќе не е релевантна и дали сликата за самиот себе отсекогаш била измислица на замислено претставување, кое само се пренесува преку новите технологии?
„Уметниците/учесници во постановката даваат критички осврт на наивната сигурност на основната дистинкција помеѓу постоењето и неговото измислување, помеѓу реалното претставување и фалсификувањето. „Реалноста“ на меѓучовечкиот однос е нарушена и одново воспоставена, во согласност со имиџот, маската и идеалниот модел што го конструираме за самите себе. Поради тоа и дигиталните медиуми, како фотографијата, интернетот, видеото и проекцијата, се користат во голема мера при визуелното претставување на самиот себе“, појаснува Цијара.
Дело на Наташа Пападопулу
Кон ова само уште информацијата дека тимот од Музејот на современата уметност Скопје, минатата година беше во работна посета во неколку водечки институции од областа на современата уметност во Солун. Директорката на МСУ, Мира Гаќина и дел од кураторски тим, тогаш разговараа за можни идни соработки со конкретни предлози за размена, истражување и изложување. Притоа Марија Цацаноглу, директорка на МОМус, изразила голем интерес за соработка со МСУ - Скопје. Од таму сосема е разбирливо што и двете институции во изминативе месеци и во периодот што следува паралелно со изложбената програма направија и планови за реализација на летна школа за млади уметници и куратори од регионот, како и за заеднички настап при конкурирање на соодветните фондови во ЕУ и други меѓународни структури.