Ни Катица Јанева не даде исказ, утре ќе добие решение за завршена истрага, задутре ќе ги види доказите

Катица Јанева на распит за „Рекет“ во Јавно обвинителство

По околу еден час во Обвинителството, поранешната специјална обвинителка Катица Јанева не добила решение за завршена истрага во случајот „Рекет“, а во четврток ќе го искористи правото на увид во доказниот материјал, по што ќе даде изјава за делото, изјави нејзината адвокатка Ирена Фрчкоска.

Таа додаде дека Судот утре треба да им го достави решението за завршена истрага, и дека најверојатно е тоа решение за завршена истрага во делот што се однесува за „Империја“, како и дека Јанева не е дел од истрагата поврзана со невладината организација Меѓународен сојуз на Бојан Јовановски.

Фрчкоска рече и дека првоосомничениот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски, утре ќе има можност за увид во доказите.

На новинарско прашање дали „Основното обвинителство може да го води случајот, со оглед на тоа дека СЈО било формирано поради исполитизираност на ОЈО“, одбраната на Јанева рече дека не сакаат да се впуштаат во политички квалификации и дека очекуваат чесно судење.

Јанева која е третоосомничена за „Рекет“, околу пладне со полициско возило и придружба беше донесена во Обвинителството, а потоа повторно е вратена во КПУ Затвор Скопје каде што издржува мерка притвор. Јанева пред ЈО за „Рекет“ беше сослушана на 20 август годинава, во својство на сведок, а следниот ден беше приведена од нејзиниот дом во Скопје, а Јавното обвинителство за огранизиран криминал и корупција да информира дека ја проширува истрагата за случајот и за Јанева како третоосмничена да побара 30 дневен притвор.

Во обвинителството вчера на распит беше донесен првоосомничениот за „Рекет“ Бојан Јовановски. Тој беше во обвинитеството еден час, но не дал исказ пред обвинителите.