Верушевски: Не изнесував „бомби“ од УБК, и не ми ги даваа мене, туку на СДСМ

Зоран Верушевски во судница како сведок во случајот Таргет - Тврдина

Поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, за кого разузнавачите од УБК - Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски тврдеа дека нелегалните прислушувани разговори во УБК ги снимале тајно и му ги давале нему, на денешното сведочење во Кривичниот суд ги негираше нивните тврдења. Тој ја негираше и неговата вклученост во преземањето на бомбите, односно дека тие бомбите не му ги давале нему, туку во СДСМ, а тој само ги обработувал.

На барање на обвинителот Артан Ајро да посочи на што точно се сеќава, Верушевски рече дека сѐ убаво објаснил во исказот кој го дал по неговото апсење во случајот „Пуч“ и додаде дека бил одговорен за безбедноста во СДСМ и дека добил сензитивни информации со кои постапувал.

„До моето лишување од слобода, таа обврска во целост ја исполнив и сите информации кои доаѓаа до партијата го имаа истиот третман. По моето лишување од слобода документите се надвор од мојата одговорност“, изјави Верушевски.

Тој додаде дека никакви материјали не му предал Ѓорѓи Лазаревски и дека одговорноста за материјалите била на партијата.

„Ѓорѓи Лазаревски беше едно од лицата кои донесуваа документи до партијата. Тоа лице ги доставило материјалите пред моето враќање од Италија во Македонија и продолжи во 2014 година. Документацијата е цело време во партијата и со неа управува претседателот на партијата. Информацијата и документацијата не завршуваше кај мене, туку кај политичката партија“, рече Верушевски пред судот.

Тој додаде дека откако го уапсиле, „бомбите доживеале промени“.

„Факт е дека таа документација доживеа стравотна модификација и компромитирање и сето тоа се случува по моето лишување од слобода“, сведочеше Верушевски и додаде дека, како што рече, „исказот на Ѓорѓи Лазаревски пред Обвинителството за случајот „Пуч“ бил целосно невистинит“.

Следното рочиште кога адвокатите на обвинетите ќе го испрашуваат Верушевски е закажано за 10 октомври.