Дукоски: Го викнаа Јовановски да даде исказ, а подметнато му е решение за завршена истрага

Бојан Јовановски - Боки 13 со полициска придружба беше донесен на распит во Обвинителство

Првоосомничениот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски, денеска во Јавното обвинителство за организиран криминал, одбил да даде исказ пред обвинителката Вилма Рускоска, бидејќи, како што објасни неговиот адвокат Сашо Дукоски, претходно не ги видел доказите против него, а истрагата била завршена.

„Во истиот ден кога истрагата е завршена, од него се бара изјава како осомничен. Осомничениот прво бара да биде запознаен за доказите против него. Човекпт не видел со какви докази располага Јавното обвинителство, а се бара од него да даде исказ. Нашата позиција е дека се работи за повреда на правото на одбрана. Официјално осомничениот Бојан Јовановски е повикан да даде исказ, но подметнато му е известување за завршена истрага“, рече Дукоски.

Тој додаде дека од среда Јовановски ќе може да ги разгледа доказите кои ги има обвинителството против него.

„Истрагата е завршена. Ние треба да ги гледаме доказите па Јовановски да даде исказ. Не гледаме на кристална кугла па да знаеме кои се доказите. Од среда ќе вршиме увид на предметот и потоа ќе дадеме исказ. Ние ќе доставиме свои докази. Осомничениот како таков сака да изврши увид во сите списи и докази. Тоа е опасно по одредбите од Законот за кривична постапка“, додаде Дукоски.

За здравствената состојба на Јовановски, неговиот адвокат вели дека и натаму не е подобрена.

„За неговата здравствена состојба никој не го интересира.Подлежи на вештачко дохранување со инфузија поради операцијата на желудникот и постојано повраќа“, реке Дукоски.