Одбиено барањето за укинување на притворот на Катица Јанева

Кривичен суд Скопје

Судија на претходна постапка го одбил барањето на одбраната на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева за укинување на нејзиниот притвор, соопшти Кривичниот суд.

„По разгледување и ценење на предлогот и мислењето од надлежното обвинителство, судија на претходна постапка донесе решение со кое предлогот за укинување на мерката притвор со определена гаранција се отфрла како недозволен, а предлогот за определување мерки за претпазливост се одбива како неоснован“, се наведува во соопштението од Судот.

Кривичниот суд завчера, два дена пред истекот на актуелниот притвор на Јанева, ѝ одреди дополнителни 30 дена на поранешната специјална јавна обвинителка, која се наоѓа во истражниот затвор „Скопје“, како осомничена со случајот „Рекет“. Адвокатката на Јанева, Ирена Фрчкоска, побара укинување на притворот, за што беше понуден недвижен имот како гаранција.