„Петоци за иднината“ ја почнува Недела на иднината

Младите низ светот, здружени како „Петоци за иднината“ одлучија масовно да вршат притисок на владите за преземање активности против климатската криза. „Петоци за иднината“ - Скопје, со други невладини организации, се приклучија на врсниците низ светот и денеска ја започнаа Недела на иднината со протест пред Влада на РСМ.

Во рамки на Недела на иднината, секојдневно планираат настани за зголемување на свеста за еколошката криза. Но, велат дека денешниот протест е најважниот настан.

„Петоци за Иднината Скопје ќе организира настани за зголемување на свеста за еколошката криза во текот на целата Недела за Иднината. Но протестот во петок е најважен, затоа што од него ќе се испрати пораката дури до Њујорк дека и во Македонија се свесни дека климатските промени претставуваат најважно прашање на 21-от век, и дека најмладите генерации се тие кои ќе бидат жртвите на одложувањето на неговото решавање. Опстанокот на човековата цивилизација зависи од наредните недели, месеци и години“, стои во соопштението од „Петоци за иднината“ во кое побараа средните училишта да им дозволат на учениците да отсуствуваат.

Нивната мотивација за ова барање е инспирирано од потегот на 16-годишната швеѓанка Грета Тунберг, која започна сама да протестира секој петок пред шведскиот парламент, а потоа и се приклучија врсници. Под притисок на ова младинско движење, средните училишта во Њујорк нема да ги спречува учениците да присуствуваат на протестот пред седиштето на Обединетите Нации.

Локалниот огранок на ова движење има пет барања до институциите, кои се базирани на извештаите на самата власт и обврските кои ги има преземено во меѓународни рамки. Пред се, тие бараат итно прогласување на климатска вонредна состојба, по примерот на повеќе градови и држави во Европа и светот. Според нив, ваков чекор е неопходен за создавање услови за институционална приоритизација на ова прашање.

„Активирање на специјално национално тело - комисија за борба против климатските промени. Оваа комисија постои само на хартија и е целосно дисфункционална, без никакви ингеренции и овластувања. Работата во оваа комисија мора да стане првата задача на експертите од областа на одржливост и животна средина, со цел успешна координација на политиките за спречување на ефектите од климатските промени. Тоа подразбира обезбедување на целосна транспарентност во работата и целосна имплементација на препораките од оваа комисија од страна на власта“, бараат од „Петоци за иднината“-Скопје.

Понатаму, бараат и отворање на јавна дебата околу проекциите за затворање на постоечките електрани на јаглен, и создавање на нацрт план за транзиција од електраните на јаглен кон извори на обновлива енергија. Дополнително, сметаат дека е потребна и изработка на план за намалување на користењето автомобили во транспортот, во кој акцентот ќе биде ставен на комплетна обнова и повеќекратно проширување на капацитетите на јавниот транспорт.

„Воведување на климатската проблематика во школскиот курикулум во основното и средното образование. Задолжителната настава за сите причинско-последични аспекти на климатските промени, според најсовремена методологија, е во функција на промена на начинот на живот кај младите, како подготовка за периодот во кој ќе се соочат со ефектите на климатскиот колапс. Имплементацијата на оваа тема во образовниот систем мора да го има во предвид интердисциплинарниот карактер на проблемот, со цел длабоко развивање на климатската свест кај новите генерации“, истакнуваат од „Петоци за иднината“.