Радев: Следниот месец клучен за односите меѓу Бугарија и Северна Македонија

Бугарскиот претседател Румен Радев со бугарски член на Заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија.

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска се сретна со бугарските претставници во Заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија.

Радев вели дека доколу во рок од еден месец членовите дадат уверување дека сите контроверзни прашања ќе бидат решени: настани, личности, корекција на учебници, натписи во музеи, плакети и позиции на јавни медиуми, тогаш бугарската Влада може да ја продолжи политиката на безусловна поддршка за членството на Република Северна Македонија во Европската унија, објави бугарската новинска агенција БТА.

„Но, доколку тоа не се случи, Владата треба да преземе чекори за развој на нова национална позиција со јасни барања и критериуми за поддршка на бугарскиот национален интерес, кои треба експлицитно да се вклучат во преговарачката рамка за Република Северна Македонија како предуслови за членство во ЕУ. Со оваа нова позиција исто така мора да биде запознаен и бугарскиот Парламент“, вели Радев.

Според него, загрижувачки е последниот состанок на Заедничката комисија за историски и образовни прашања, а според бугарскиот претседател темпото на напредокот на Комисијата заостанува далеку зад рад развојот на процесот на европската интеграција на Северна Македонија.

Радев вели дека Бугарија треба да ја продолжи поддршката за европската и евроатлантската интеграција на Северна Македонија:

„Секогаш инсистирав дека треба да бидеме најактивни застапници на оваа кауза, но под јасни услови“, вели Радев.

Таквата отворена, фер и контруктивна позиција, како што вели Радев, ќе биде од полза за ЕУ, бидејќи според него нерешените проблеми меѓу соседите не треба да се дозволи да бидат внесени во европското семејство. Тој додава дека Бугарија мора да покаже зрелост и одговорност за стабилноста на Унијата.

Радев очекува следниот месец да биде клучен за развојот на односите меѓу двете земји, бидејќи ЕУ може да одлучи да ги отвори преговорите за членство со Северна Македонија.