Сослушувањата на кандидатите за идни еврокомесари ќе се одржат од 30 септември до 8 октомври во Европскиот Парламент. Европратениците се подготвуваат за жестоки размени со некои од кандидатите, меѓу кои и Унгарецот Ласло Трочањи, за кој се крена најмногу прашина, а кој е предложен за еврокомесар за проширување, на местото на Јоханес Хан, пренесуваат новинските агенции.
Кандидатите назначени од новата претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лејн, ќе одговараат на прашањата на европратениците три часа, а Парламентот треба да гласа за севкупниот состав на Комисија на 23 октомври.
Пратениците не гласаат за секој комесар одделно, но ќе имаат време да ги поднесат своите забелешки и, доколку некои кандидати се неприфатливи, предвидено е време меѓу 8 и 23 октомври за сослушувања на евентуалните нови кандидати.