Една година откако Европскиот парламент оцени дека постапките на унгарскиот премиер Орбан носат „јасен ризик од сериозно кршење“ на основните вредности на Европската унија, евроминистрите за правда се состанаа во Брисел на првото официјално сослушување на таа земја, која патем, постојано ги отфрла критиките на Унијата.
Унгарската министерка за правда Јудит Варга пред пристигнувањето на расправата со нејзините колеги изјави дека очекува од нив да докажат дека постапката не е „политичка“.
„Дојдов тука да ја бранам Унгарија и очекувам државите членки да застанат врз основа на законот при прегледувањето на Унгарија“.
Француската министерка за европски работи Амелиа де Монтшалин пак изјави дека не може да има компромиси кога станува збор за независноста на судиите, за слободата на медиумите, за заштита на малцинствата и за академската слобода:
„Владеењето на правото им овозможува на сите европски граѓани да живеат во свет во кој тие не подлежат на произволност“.
И австрискиот министер за европски прашања Александер Шаленберг инсистира на тоа сите членки да ги почитуваат европските правила:
„ЕУ е како семејство во многу аспекти. И во едно семејство мора да постои заеднички пакет правила, мора да има заедничка регулатива. Инаку, тоа не може да работи, а владеењето на правото е основа за тоа“.
Орбан, кој е на власт од 2010 година, исто така ја налути Европската унија со неговиот груб антимиграциски став и со суровата кампања против Унијата со антисемитски поттекст.
Но, нашироко гледан како Макијавелист и безобразен оператор, тој главно ја избегна казната, освен што беше суспендиран од најголемата парламентарна група во Европската унија, онаа од десниот центар.
Сепак, Унијата и натаму пробува дарежливо да им помогне, главно во владеењето на правото, на посиромашните членки како Унгарија и Полска - каде што следбениците на Орбан, исто така, ги ставаат медиумите и судиите под директна државна контрола.
Со евроскептични и националистички политичари во неколку земји на Европската унија каде што преовладува бран на незадоволство поради слабите економии, вознемиреноста од глобализацијата и имиграцијата во Европа, Брисел се обидува да ја засили одбраната на демократијата.