Антикорупциската комисија соопшти дека нема отворено предмет за поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, која е во притвор и третосомничена во случајот Рекет и дека интензивно работи на предметите Тополки и Рашковски.
Претседателката на Антикорупциска, Биљана Ивановска, изјави дека ДКСК не води случај за Јанева, туку дека случајот е во Обвинителството. Ивановска информираше дека поранешната специјална обвинителка пријавила само една промена во анкетниот лист - купување половно возило.
Согласо законот, Јанева и другите обвинители од СЈО најдоцна за 30 дена по разрешувањето или престанок на мандатот треба да поднесат анкетен лист за промена на имотната состојба.
ДКСК информираше и дека се уште работи на случаите Тополки и Рашковски, но за вториот случај, како што кажа Ивановска, ќе биде потребно подолго време.