Во Собранието е формирана Иницијатива за една изборна единица, во која се вклучени 12 пратеници од 10 партии и еден независен пратеник. Зад иницијативата стојат Лилјана Поповска, Маја Морачанин, Рубин Земон, Ферид Мухиќ, Мирослав Јовановиќ, Панчо Минов, Самка Ибраимоски, Јулиана Николова, Јусуф Хасани, Реџеп Мемеди, Алија Камбероски и Амди Бајрам.
Тие бараат да бидат вклучени во процесот на измена на Изборниот законик.
Во Македонија на сила е пропорционален изборен модел со шест изборни единици. Според Иницијативната, најголем недостаток на овој модел е ограничувањето за листи на партии или поединци да обезбедат мандат, доколку немаат концентрација на гласови во една изборна единица. Така, како што наведуваат, се случуваше да отпаднат листи што на ниво на цела држава имаа 30-40.000 гласови, а во Парламентот да може да влезат, со мали исклучоци, само неколку поголеми партии.