Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, предупредува за ризиците кои и се закануваат на Северна Македонија доколку ЕУ не додели датум за старт на преговори во октомври.
„Ако немаме перспектива, а тоа е влогот во октомври, ќе ослабнеме, а скептиците, националистички сили и популистите ќе се зајакнат, тоа ќе им помогне на оние кои се сомневаат во европскиот проект, таа стратешка ориентација, додека позитивна одлука ќе ни помогне да кажеме дека работите се во наши раце“, изјави Димитров во интервју за Агенција Европа.
Во разговорот, Димитров го споделува својот оптимизам за одлуката на Советот на 15 октомври и смета дека земјата има „многу убедливи аргументи“, пред сѐ „очигледен напредок кон вистинска европска демократија“, како и постигнувањето на договорите со Грција и Бугарија.
„Сите погледи се сега свртени кон средината на октомври, мислам дека влогот е таков што има сериозни размислувања во престолнините за начинот да се зграпчи оваа прилика во момент кога нема многу прилики за успех“, вели Димитров.
Во случај Македонија да не добие зелено светло овој пат, по четиринаесет години кандидатски статус, министерот предупредува: „нема да биде лесно за мене, како министер, да се вратам дома после октомври и да речам дека ќе одлучуваат идната година, потребно ни е политичко гориво за да продолжиме да одиме напред“.