ВМРО-ДПМНЕ смета дека префрлувањето на материјалите од Специјалното јавно обвинителство во Јавното обвинителство е незаконско, а процесот го оцени како „рушење на правната држава и правниот систем, со цел Зоран Заев да создаде нова Катица на местото на Катица Јанева.
„Надлежноста на СЈО беше дефинирана со специјален закон и предметите кои тоа ги водеше, а кои произлегоа од нелегално прислушкуваните материјали. СЈО согласно овој закон беше единствено надлежно за овие предмети и имаше јасно дефинирани ингеренции, рокови и одредби и истите може да се менуваат само со нов закон донесен исто во Собранието со согласност на политичките субјекти како и пред 4 години“, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.
Тој истакна и дека не постоела одредба во законот со која можело предметите да се пренесуваат на Јавното обвинителство. Во однос на престанокот на мандатот на другите обвинители во СЈО, кое се очекува Советот на јавни обвинители да го констатира утре, Арсовски вели дека пооднамна апелирале да се донесе закон за јавно обвинителство, оти како што рече, во моментов не функционира правната држава.