Студентска конференција - нема услови за децата со попреченост

Во земјава има само два центра за рана интервенција за деца со попреченост и застој во развојот, не постои ефективен закон ниту системско решение. Опфатот на деца со попреченост е многу мал во градинките и тие се најчесто дома.

Ова беше посочено во една од презентациите на втората меѓународна студентска конференција „Разменуваме знаења – создаваме можности“ која во организација на Институтот за специјална едукација и рехабилитација се одржува од денеска до недела на Филозофскиот факултет во Скопје.

Во споредбено истражување за искуствата во САД, проф. д-р Александра Каровска-Ристовска ја истакна важноста на раната интервенција (од раѓање на детето до тригодишна возраст) која треба да биде семејно ориентирана пракса, односно работа со родителите и програма на услуги за секое дете што има таква потреба.

Американците сфатиле дека инвестирањето до три години е поисплатливо отколку да се инвестира подоцна, рече таа, додавајќи дека за секој вложен долар во рана интервенција се враќаат 9.20 долари.

На конференцијата учествуваат студенти од земјава, Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија, како и припадници на Американскиот мировен корпус кои се практичари и овде работат со деца со посебни образовни потреби.

Целта за организирање на студентската конференција за специјална едукација и рехабилитација е да се потенцираат можностите на лицата со попречености, наместо нивната оневозможеност.