Министерката за правда Рената Дескоска изјави дека за време на разговорите за законот за Јавното обвинителство предложиле вработените во СЈО да бидат префрлени во републичкото Јавно обвинителство.
„Во текот на разговорите за законот за Јавното обвинителство водиме грижа за сите лица вработени во Специјалното јавно обвинителство и разговараме за нивниот статус. Нашиот предлог беше дека тие лица треба да бидат префрлени во републичкото Јавно обвинителство, а јавниот обвинител да може натаму да ги распредели согласно потребите и систематизацијата на Јавното обвинителство“, изјавила Дескоска за МИА, а во врска со писмото со барања испратено од техничкиот персонал на СЈО.
Техничкиот персонал, со писмо до меѓународната заедница, до претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и до министерката Рената Дескоска, побара решавање на нивниот работен статус по престанување со работа на нивното Обвинителство.