Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека се што било изнесено од власта во врска со синоќешната лидерска средба е лага, а со прес-конференцијата, премиерот Зоран Заев се обидел да ги скрие вистинските причини за непостигнувањето договор за законот за ЈО.
„Вистина е дека вчера главната борба на Зоран Заев беше да се заштити Зоран Заев, фамилијата и луѓето од власта за одговорност од криминалиите со кои тој и неговите луѓе управуваат. До доцна во ноќта имавме слика на еден очајник кој само сака да задржи било каква контрола врз обвинителството за да може тој да контролира и управува, да наредува, затвора и заташкува случаи. Таа контола му треба за да не одговара за Рекет, но и Рекет 2, Рекет 3, Рекет 4 што допрва ќе дојдат“, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека Заев дал предлог за формирање Јавно обвинителство за висока корупција, кое би било на исто ниво со обвинителството на Вилма Рускоска, а обвинителот да го предложи најголемата опозициска партија, односно ВМРО-ДПМНЕ.
„Покрај надлежностите што ќе ги има, откако ќе ги преземе 10-темина помошници на Катица Јанева, ќе биде придодадена надлежноста за гонење криминал на избрани или именувани лица со заштитна клаузула во одреден временски период доколку власта не го прифати предлогот на опозицијата, тогаш Советот на јавни обвинители да избере обвинител од редот на овие 10-темина од СЈО. Практично, власта ќе биде мотивирана никогаш да не го прифати предлогот на опозицијата“, рече Мицкоски.