Денот на независноста 8 Септември посетителите на нашата ФБ страница го „прославија“ со недоличен јазик, пцости и клетви против актуелната власт, и против премиерот Зоран Заев. Честитката за празникот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од „врвот Кораб, највисокиот во нашата преубава Македонија“ – како што напишал, го коментира само еден посетител, но нема да го цитираме зашто е напишано со непримерен јазик.
По информацијата за обраќањето на премиерот Заев пред граѓаните во Градскиот парк во Скопје, при што, покрај другото, кажа дека „сме пример што сите сакаат да го следат“, има околу педесет коментари, главно негативни.
„Сигурно дека сакаат да ве следат, бидејќи сте први во лажење и крадење (рекетирање)“ – напишала Славка Талевска, а Олга Маљичи: „Никој не си ја продава државата за да те следи тебе“.
Прециз Мека коментира: „Вие славите зависност, а не независност...“ Дејан Велковски не ја бендисува РСЕ, па напишал: „Фашистичко радио“.
Искра Гудовска-Костадиновска со позитивна реакција: „Браво, премиере! Денес конечно сме на вистинскиот пат! За многу години!“
Во честитката по повод 8 Септември, претседателот на државата, Стево Пендаровски повика да го обновиме единството, но посетителите на веб и на ФБ страницата на нашево радио како да не се многу расположени за тоа.
Видете и ова: Боите на независноста
Димче Кизовски постирал: „Со лажговци и лопови нема единство“, а Горан Коцевски бара: „Нема проблем, дај си оставка прво ти, па премиерот и сите останати, да одиме на фер избори и ќе се помириме...“ За Ненад Пешовски „Нема помирување со името Северна Македонија“.
По изјавата на државниот обвинител Јовески дека Обвинителството има капацитет да ги преземе предметите од СЈО, Зоран Ризовски смета:
„Ама немате правна основа да ги преземете...“, а постот на личниот ФБ профил на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев дека „и експерти имаат исти ставови со неговата партија за СЈО“, а по изјавата на професор Гордан Калајџиев дека „на крај излегува дека СЈО било создадено за да се урне ВМРО-ДПМНЕ“, Бранко Галев го коментира вака: „...Кажи нешто за вашите што сè опљачкаа, за корупцијата, насилствата или токму за да ги спасите зборувате и критикувате?“
Ванчо Коде, пак, вели: „Барем еден од вас да се оградеше од бившото ДПМНЕ ќе имав поинакво мислење за вас... Вие сте исти што со години живеете како крлежи на грбот на македонскиот народ“.