Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на прес-конференција денеска изјави дека писмото на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, што го испрати од притвор, за префрлање на предметите од СЈО во ЈО, е доказ за „координираноста помеѓу власта и СЈО“ и, како што рече, „доказ за паниката во што се зафатени затоа што ова е без преседан во македонскиот правосуден систем“.
На новинарско прашање дали по писмото, може да има договор на власта и опозицијата за СЈО, тој рече дека работните групи работат на тоа.
„По однос на законот, работните групи работат интензивно, ние имаме наши позиции, СДСМ има нивни позиции. Има џентлменски договор помеѓу двете работни групи сè до оној момент додека немаат конечен исход да не излегуваат со своја изјава во јавност, но ние се надеваме дека ќе бидат почитувани нашите аргументи“, рече Николоски.
Доколку нема договор, додаде Николоски, за ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо да се почитува Законот за СЈО, кој, како што рече, е многу јасен.