Заев: Постапката на Јанева со писмото е логична, немам покана за „Рекет“

За премиерот Зоран Заев е логична постапка на специјалната обвинителка Катица Јанева предметите од СЈО да преминат во јавното обвинителство, бидејќи, како што рече премиерот, тоа произлегува и од разговорите со ВМРО-ДПМНЕ и според сите други околности. Тој додаде дека решението е да се постигне договор, според кој предметите треба да поминат во Јавното обвинителство.

„И ако не се постигне договор, сегашните законски одредби велат дека предметите од СЈО треба да преминат во ЈО. Правото на специјалниот јавен обвинител е опишано во Законот за јавното обвинителство и законски е дозволива одлуката на специјалниот јавен обвинител да ги предаде. Немаме контакти со Катица Јанева да прашаме зошто така постапила, но она што е очигледно е наближувањето на 15 септември кога завршува нејзиниот мандат и функцијата не може да ја пренесе на заменик или на избор на некој друг. Веројатно заради безбедноста на сите индиции, материјали што таму се обезбедени, така што не веруваме дека ќе влијае на преговарачкиот процес“, рече Заев.

Додаде дека очекува во почетокот на наредната недела да има договор за предметите од СЈО со оглед што истекува законскиот рок за неговото функционирање, а на новинарско прашање за предметот „Рекет“, тој рече дека не добил покана за распит од обвинителката Русковска.